Vinkmag ad

🇲🇰🔥🇪🇸 ОД КУМАНОВО ДО ШПАНИЈА: МЛАДИОТ КОШАРКАР ГОРАЗД СПАСОВСКИ ГРАДИ ГОЛЕМА ПРИКАЗНА

Младиот македонски кошаркар Горазд Спасовски, 17-годишен талент од Куманово, е еден од оние играчи за кои допрва ќе се зборува.

Своите први чекори ги направи во КК Куманово, а денес гради интернационална кариера во Шпанија, настапувајќи за ЦБИ Елче.

Во средина каде што конкуренцијата е огромна, а темпото и барањата се на највисоко ниво, Спасовски веќе успева да се наметне и да напредува, стекнувајќи искуство и на јуниорско и на сениорско ниво. Неговиот развој оди во нагорна линија, а амбициите се јасни – чекор по чекор кон врвната кошарка, со сон еден ден да го облече дресот на Македонија.

Како започна твојата кошаркарска приказна?

💬 Како дете секогаш бев многу активен и постојано сакав да испробувам различни спортови. Започнав со пливање, потоа тренирав боречки вештини, како карате, а подоцна пробав и кик-бокс и фудбал. Некаде околу мојот 11-ти роденден започна и мојата кошаркарска приказна. Тогаш посакав да почнам да тренирам, а моите родители немаа многу избор освен да ме поддржат 😊 Веќе следниот ден ме запишаа во КК Куманово, каде што ги направив моите први чекори во кошарката. Од тој момент, кошарката постепено стана многу повеќе од обичен спорт и прерасна во важен дел од мојот живот.

Како дојде до трансферот во Шпанија?

💬 Минатата сезона играв за КК Куманово, на ниво до 18 години и во Третата македонска лига. Во текот на сезоната добив понуда од ЦБИ Елче, клуб од регионот Валенсија во Шпанија. За мене тоа беше голема можност и нов предизвик. По разговорите што ги имав со моите родители и тренери, донесовме одлука дека овој чекор може многу да придонесе за мојот развој како играч, па во вториот дел од сезоната се преселив во Шпанија и му се приклучив на ЦБИ Елче.

Која е најголемата разлика помеѓу Македонија и Шпанија?

💬 Главната разлика што најмногу ја почувствував е темпото на игра и физичката подготвеност што се бара од играчите. Во Шпанија кошарката е многу побрза, поцврста и поинтензивна, па има многу малку простор и време за размислување на теренот. Сè се случува брзо и од играчите се очекува навреме да носат одлуки и да функционираат како дел од тимот. Разлика има и во самиот начин на работа. Тренинзите се поинтензивни, а во текот на денот често имам повеќе различни обврски – утрински индивидуални тренинзи со тренер за вештини, работа во теретана, како и еден или два тимски тренинзи со јуниорскиот или со сениорскиот состав. Целиот тој ритам бара многу повеќе посветеност и дисциплина во споредба со она на што претходно бев навикнат.

Настапуваш и за јуниори и за сениори – колку е тоа предизвик?

💬 Во моментов настапувам и на јуниорско и на сениорско ниво, што за мене претставува големо искуство и уште поголем предизвик. Во јуниорска конкуренција играм во Лига Јуниор Аутономико, која е едно од најсилните нивоа за играчи до 18 години во регионот, додека на сениорско ниво настапувам во Лига Сениор Аутономико, лига што е веднаш под Трета ФЕБ, една од националните дивизии во Шпанија. Најголемата разлика меѓу тие две нивоа најмногу се чувствува во физичката игра, интензитетот и темпото. Во сениорската кошарка сè се одвива побрзо, поцврсто и со многу поголема одговорност, затоа што секоја грешка може многу да влијае на натпреварот. Верувам дека токму играњето на ова ниво ми помогна дополнително да созреам како играч, да станам пофокусиран, подисциплиниран и посигурен во својата игра.

Хајлајтс на Горазд Спасовски во дресот на Елче од минатата сезона

Како работиш на индивидуалниот напредок, особено шутот?

💬 Не би рекол дека постои некоја огромна разлика кога станува збор за самата работа на шутот помеѓу Шпанија и Македонија. Повеќе би рекол дека разликата е во организацијата и континуитетот. Во Шпанија има еден или два утрински тренинзи во неделата што се целосно посветени на шутирањето и индивидуалната работа со тренер, што секако многу помага. Но, на крајот, без разлика каде тренираш, многу работи зависат од самиот играч. Ако сакаш навистина да напредуваш, мора секојдневно самостојно да работиш, да шутираш, да бидеш посветен и постојано да се трудиш да го подигаш своето ниво.

Како самиот се гледаш како играч?

💬 На ова прашање, можеби, подобар одговор би дале моите тренери 😊 Не ми е баш најлесно да зборувам за себе, но ако треба накратко да кажам како јас самиот се доживувам, чувствувам дека откако дојдов во Шпанија созреав и како играч и како личност. Почнав многу посериозно да работам на себе, и ментално и физички, а верувам дека напредував во повеќе сегменти од играта – во организацијата, комуникацијата, дриблингот, завршницата и шутирањето. Секако, зад сето тоа стојат секојдневна работа и дисциплина.

Имаше ли понуди од други клубови?

💬 По вториот дел од минатата сезона добив неколку понуди од клубови од Валенсија и Мурсија, што навистина ми даде дополнителна мотивација. Убаво е кога ќе видиш дека некој го препознава твојот труд. Сепак, сметав дека во тој момент најважно за мене е да продолжам таму каде што чувствувам дека најмногу напредувам, а тоа беше Елче. Затоа решив да останам и оваа сезона. Бидејќи сезоната уште не е завршена, не сакам многу однапред да зборувам, но сигурно е дека ќе има уште многу интересни работи.

Кои се твоите најголеми цели?

💬 Една од моите најголеми цели е во иднина да заиграм на NCAA Division 1 ниво. Сметам дека САД нуди навистина големи можности, особено затоа што таму играчите полесно можат да бидат забележани од скаути и колеџ програми уште додека настапуваат на средношколско ниво. Од друга страна, кошарката во САД е многу атлетска, брза и физички многу захтевна, што исто така многу ме привлекува. Сепак, Европа секогаш ќе има посебно место кај мене и мислам дека и двете патеки носат големи можности.

Имаш ли контакт со репрезентацијата?

💬 Во моментов сè уште немам контакт од тренерите на националниот тим. Последен пат бев дел од тој процес во категоријата до 16 години, кога бев повикан на тренинг камп. Иако тогаш не бев избран, тоа за мене не беше разочарување, туку дополнителен мотив да продолжам да работам уште повеќе. Настапот за Македонија е една од моите најголеми желби и цели.

Каде се гледаш во иднина?

💬 Во наредните две до три години се гледам како играм на високо ниво, со желба тоа да биде NCAA Division 1, а истовремено и како некој што ќе има можност да ја претставува Македонија. Надвор од теренот, сакам да студирам економија и бизнис, а најмногу од сè – еден ден да им возвратам на моите родители за сета поддршка.

Читај Претходна

ЈАНИК СИНЕР Е ПОБЕДНИК НА МАСТЕРСОТ ВО МОНТЕ КАРЛО И ОД УТРЕ Е ПРВ ТЕНИСЕР НА СВЕТОТ!!

Читај Следна

ОХРИД ГО ПРЕТСТАВИ КАРАПАЛЕВСКИ КАКО ТРЕТО ЗАСИЛУВАЊЕ ЗА СЛЕДНАТА СЕЗОНА