Македонскиот репрезентативец Тихомир Костадинов направи трансфер во самиот финиш од преодниот рок во обид да дојде до поголема минутажа и поконтинуирани настапи.
Играчот од средниот ред ја напушти Сигма Оломоуц и кариерата ја продолжува во Словачко, клуб кој оваа сезона води битка за опстанок во елитното чешко првенство.
По зимската пауза Костадинов не доби шанса да настапи за Сигма, најчесто останувајќи на клупата за резерви, што беше јасен сигнал дека е потребна промена на средината за да ја врати натпреварувачката форма.
Во својата интернационална кариера, македонскиот фудбалер настапуваше и за Пјаст Гливице, како и за словачките Ружомберок, Вион Злате Моравце и Дукла Банска Бистрица. На домашната сцена го носеше дресот на Тетекс.
Со овој потег, Костадинов ќе се обиде повторно да фати натпреварувачки ритам и да биде во полн фокус и за обврските во националниот тим.

