МАКЕДОНИЈА ГИ ДОЗНА ПРОТИВНИЦИТЕ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО – ЌЕ ИГРАМЕ ВО РОМАНИЈА
Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец Илија Најдоски се вклучи во јавната дебата поврзана со преписката меѓу Масар Омерагиќ и Игор Ангеловски, која изминативе денови ја разбранува фудбалската јавност по назначувањето на Гоце Седлоски за нов селектор на националниот тим.
Легендарниот дефанзивец смета дека Ангеловски подолго време има улога на човек кој создава тензии и ја нарушува позитивната клима околу репрезентацијата. Според Најдоски, ваквото однесување не е ново и датира уште од периодот кога селекторската функција ја извршуваше Благоја Милевски.
„Начинот на кој Ангеловски повторно настапува само потврдува дека со години бил фактор што ја нарушува атмосферата околу репрезентацијата. Истото го гледавме и во периодот кога селектор беше Благоја Милевски, кога наместо поддршка имаше постојани опструкции, коментари и обиди за влијание. Таквото однесување не ѝ помогна ниту тогаш, а уште помалку ѝ помага сега на Македонија.
Во моменти кога е потребна јасна поддршка и заедничка енергија, некој повторно избира лични битки и рушење на атмосферата. Репрезентацијата е над секој поединец и мора да остане така. Нека му служи на чест тоа што нас, кои сме дале многу за македонскиот фудбал, нè става во категорија „стаорци“. Тоа повеќе зборува за него отколку за нас.
Искрено, не е име и презиме што заслужува реакција од моја страна, но ова што се обидува да го наметне ја надминува секоја мера. Македонскиот фудбал нема потреба од поделби, навреди и лични фрустрации, туку од почит, одговорност и поддршка за репрезентацијата“, напиша легендарниот Најдоски.

