Vinkmag ad

ИМА ЛИ ПИЛОТ ВО АВИОНОТ НА ФК ВАРДАР?

🔴⚫️🛩 ИМА ЛИ ПИЛОТ ВО АВИОНОТ НА ФК ВАРДАР ИЛИ ОСТАНА САМО ДИМОТ ОД ЦИГАРИТЕ??

ФК ВАРДАР, НАЈТРОФЕЈНИОТ КЛУБ ВО МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ, ИЗГЛЕДА НАМЕСТО ДА СЕ ДВИЖИ НАПРЕД, ПОЧНУВА ДА ТОНЕ, ПРЕД СЕ УПРАВУВАЧКИ И ОРГАНИЗАЦИСКИ!!

ПОСЛЕДНИТЕ СЛУЧУВАЊА ОКОЛУ ТРАНСФЕРИТЕ, ДОГОВОРИТЕ И ЈАВНАТА КОМУНИКАЦИЈА ОТВАРААТ ЛОГИЧНИ ПРАШАЊА:

КОЈ И КАКО ГО ВОДИ КЛУБОТ?

ДАЛИ СОПСТВЕНИКОТ Е ЦЕЛОСНО СВЕСЕН НА КОЈ НАЧИН СЕ ТРОШАТ МИЛИОНИ?

Случаите со Догмо и Мато ја разоткрија несериозноста и импровизацијата во трансфер политиката. Информации за наводни продолжувања на договори и интерес од странски клубови подоцна беа демантирани или останаа без потврда од втората страна.

Наместо јасна и професионална комуникација, јавноста доби конфузни објави, а во одреден момент и објавување приватна кореспонденција, потег што отвора сериозни правни и репутациски ризици и повеќе говори за паника отколку за стратегија.

Особено загрижувачки е моделот на потпишување договори со странски фудбалери со сомнителен квалитет, на кои им се даваат високи плати, а кои не придонесуваат ниту резултатски, ниту развојно. Дел од нив речиси и не добиваат минутажа, што директно укажува на отсуство на систем, анализа и јасни критериуми при селекцијата.

Прашањето е едноставно: кој ги одобрува овие трансфери и врз основа на што?
Во фудбалските кругови сè почесто се поставува и прашањето за односите со одредени менаџери и агенти. Дали дел од раководството има нетранспарентни договори и поинаков модел на провизии кои не одат во интерес на клубот, туку во корист на поединци? И ако такви сомнежи постојат, зошто никогаш не се расчистени преку внатрешна контрола и јасна одговорност?

Дополнителен проблем е што лажните или непроверени информации што излегуваат од клубот создаваат недоверба кај навивачите, јавноста и потенцијалните партнери. Наместо стабилизација и враќање на Вардар на здрави основи, клубот испраќа слика на импровизација, краткорочни потези и отсуство на визија.

Посебна приказна е „модерниот“ начин на комуникација на клубот.
ФК Вардар, институција со речиси осум децении историја, денес функционира без функционален веб-сајт, без активни социјални мрежи и без видлив маркетинг или ПР оддел. Наместо институционална и транспарентна комуникација, јавноста е информирана преку кратки објави на приватен Фејсбук профил, како да станува збор за маалски тим, а не за најтрофеен клуб во државата. Во дигитална ера и професионален фудбал, Вардар изгледа како клуб кој свесно се има исклучено од јавноста, освен кога треба да се објасни зошто некој трансфер никогаш не се случил.

Клучното прашање останува: Дали сопственикот на ФК Вардар има целосен увид во тоа како се води клубот, како се склучуваат договорите и каде завршуваат парите? Или одговорноста повторно ќе се разводни, без последици за оние кои ја креираа оваа состојба?

Вардар не е обичен клуб. Токму затоа лошото раководење не е само внатрешен проблем, туку директен удар врз институција која со децении е симбол на македонскиот фудбал.
Без транспарентност, одговорност и професионално управување, секој следен „трансфер“ ќе биде само уште еден доказ за подлабоката криза што одамна не е случајна.

Можеби е време сопственикот да погледне низ “чадот од пурата” и да се запраша зошто едно исто лице постојано зборува во прво лице еднина за секој „успех“ на Вардар, финансиски или резултатски, иако во клубот нема вложено ниту денар, затоа што во фудбалската јавност одамна се знае кој ја носи финансиската стабилизација, а кој само ужива во чадот и аплаузите.

Читај Претходна

ВЕЧЕРВА СТАРТУВА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО – НА ПРОГРАМАТА ЧЕТИРИ НАТПРЕВАРИ

Читај Следна

МАЕСТРАЛНА ПАРТИЈА НА ШОШКИЌ – ПОБЕДА НА СТОНИ БРУК