Еден од најдобрите ракометни тренери во 21 век, Лино Червар во изјава за хрватските медиуми посочи дека Македонија одигра над своите можности, а селекторот Лазаров внимателно ја читал неговата книга за поставувањето на одбраната.
„Македонија одигра одбрана каква што ретко се гледа на врвно ниво – проактивна, агресивна и иновативна. Токму со таков пристап целосно беа неутрализирани браќата Коста и Португалија беше доведена на раб на елиминација.
Со нов концепт во одбраната и со врвен играч како Филип Кузмановски, кој израсна со мене во Металург, Кирил Лазаров ја држеше Португалија под контрола. Да не им испаднеше топката од рака во два клучни моменти, Португалија ќе беше елиминирана.
Македонија можеби е скромна репрезентација по квалитет, но со идеја и храброст ги поместува сопствените граници. Тоа е токму типот на одбрана што го разработувам во мојата книга.
Постојат два модели на ваква проактивна одбрана: современата варијанта 5-1 што ја објаснувам во книгата и моделот 5-1 што го игравме уште во периодот 2003–2004 година, како и системот што го применивме против Франција на минатото Светско првенство, кога стигнавме до победа“, вели Лино Червар.

