Vinkmag ad

ПАТЕШЕСТВИЕТО НА АШКОВСКИ НИЗ ВОЈНА: НЕ ЈАДЕВ ТРИ ДЕНА, ЈАСИР АСАНИ МНОГУ МИ ПОМОГНА, ПАТУВАВ 15 ЧАСА, ПА МЕ ТЕРАА ДА СЕ ВРАЌАМ НАЗАД…

Македонскиот интернационалец Стефан Ашковски помина вистинска голгота за да го напушти Иран во моментите кога ситуацијата ескалираше. Од истечена виза, пасош оставен во хотел блиску до местото каде е убиен ајатолахот, па до животни лекции – луѓе кои би те оставиле на цедило, но и луѓе кои би дале се́ за да ти помогнат.

Како започна целата драма?

„Имавме натпревар во саботата. Станав сабајлето поспано, кога другар ми вели: ‘Стефан, стварно нападна Трамп’. Прво мислев дека се шегува, бидејќи неколку пати на тој начин се шегуваше, ама брзо сфатив дека ситуацијата е сериозна.“

Кој беше првиот шок?

„Визата ми беше истечена пет дена. Четврток и петок таму се викенд и немаше можност да ја продолжам. Тоа значеше дека официјално не можам да излезам од државата.“

Дополнителен проблем бил тоа што пасошот не му бил кај него.

„Пасошот ми беше во хотел, на 1 километар од местото каде беше убиен ајатолахот. Немав ни кола, немав ништо. Без пасош не можев ни да ја регулирам визата. Оттука почнува помошта на возачот на Јасир Асани.
Со него тргнавме да го земаме пасошот. Имаше гужви, контроли, тензии. Во еден момент моравме да го замениме возилото со мотор, за да стигнеме до хотелот и да се пробиеме низ метежот.

Имал шанса да го напушти Иран со колеги од друг фудбалски клуб, ама…

„Го земав пасошот и се вратив на местото каде престојував. Фудбалскиот клуб Персеполис, во кои играат странци, имаа организирано одење кон границата на Турција – си помислив дека тоа ми е шансата и дека со нив ќе го напуштам Иран.

„Им реков – дали може и јас со вас? Тие не беа заинтересирани да отидам со нив, ми кажаа дека нема место. Се разочарав поради тоа, бидејќи во тој момент останав сам и не гледав некое решение.

Поранешниот фудбалер на Вардар, Јасир Асани и неговиот возач многу му помогнале на Стефан

„Во тие моменти ми требаше возач кој ќе ме вози 15 часа до турската граница. Никој не сакаше да го направи тоа. За среќа одново целиот товар го прифати возачот на Јасир. Тој се спакува со својата фамилија жена и деца и заедно со мене тргнаа кон граница. Фактички си го ризикуваше и животот. Неизмерно сум му благодарен на него и на Јасир. Да не беа тие двајца…“

По 15 часа пат, Ашковски стигнува на границата со Турција, но наместо олеснување, таму го очекува вистинска голгота.

 Што се случи кога стигнавте?

„Не беше класична граница. Прво пријавување, па со војници два километри, па просторија. Ми ги земаа документите и ме однесоа внатре. Во тој момент конечно добив интернет и почнав да се јавувам.“

„Мислев дека се ќе биде во ред. Но без виза – не сакаа да ме пуштат. Ми го одзмеаа и пасошот. Бев во шок, им велев, како е можно пак 15 часа да се враќам назад, да се вратам во војна?„

„Ми одговараа дека тоа не ги интересира…“.

Умит Касум, од македонската амбасада во Анкара кој преговарал со Иранците, успеал да ги натера Ашковски да ја мине границата

„Тогаш многу ми помогна Умит Касум, вработен во македонската амбасада во Анкара. Огромна благодарност до Умит. Тој неколку пати зборуваше со нив на турски и се обиде да ги убеди дека, ако треба, ќе платам и казна. Се согласија на тоа, но сепак, откако го затворија телефонот, ми кажаа дека мора да се вратам назад во Техеран и буквално психички ме исцрпуваа. Умит повторно зборуваше на телефон, и по пет-шест негови обиди на телефон, се согласија да ја напуштам границата“.

И покрај сè, Ашковски има само убави зборови за иранскиот народ.

„Иранците се прекрасен народ. Немав лошо искуство со обичните луѓе. Те почитуваат, сакаат да ти помогнат ако видат дека си странец. Државата е убава, луѓето се гостопримливи. Тоа што го доживеав на граница не ја менува сликата што ја имам за народот.“

Читај Претходна

МАКЕДОНИЈА ДОМАЌИН НА РАКОМЕТНО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА МЛАДИНЦИ

Читај Следна

ПОГЛЕДНЕТЕ КАКО МАНАСКОВ ГО ШОКИРАШЕ ПСЖ (ВИДЕО)