МИЛЕНКОСКИ: УКРАИНА Е ТОП 10 ВО СВЕТОТ, НИЕ ЌЕ ПРОБАМЕ ДА ЈА ИГРАМЕ НАШАТА ИГРА
Навивачката група „Комити“ преку соопштение најави бојкот на натпреварите на ФК Вардар, кој, како што наведуваат, ќе трае сè додека актуелната управа на клубот, предводена од Миленко Неделковски, не поднесе оставка.
Одлуката била донесена на отворен состанок на групата и, според „Комити“, едногласно поддржана по претходни консултации со сите подгрупи. Како причини за незадоволството тие ги посочуваат начинот на кој се раководи клубот, донесените одлуки на управата и односот кон навивачите.
„Комити“ најавија дека в понеделник, на натпреварот против Арсими од 19:00 часот на стадионот на ФФМ, последен пат ќе присуствуваат на натпревар на ФК Вардар пред почетокот на бојкотот.
Во продолжение интегрално го пренесуваме соопштението на навивачката група „Комити“:
[БОЈКОТ – УПРАВА ОДИ СИ]
Групата на отворен состанок донесе одлука за БОЈКОТ на сите натпревари на ФК Вардар, а истиот ќе трае сè додека Управата на чело со лицето Миленко Неделковски, не поднесе оставка и не си замине од клубот!
Оваа одлука е донесена и со претходна консултација и разговори со сите подгрупи, на кои истата е едногласно поддржана!
Причините за бојкот се аматеризмот, како и примитивизмот кои владеат во клубот, а кои се директна последица на катастрофалните одлуки кои Управата ги носи на секое поле и поради срамниот однос кон навивачите, кој кулминираше на последниот натпревар кога обезбедувањето на Управата, по наредба на Миленко Неделковски се дрзна и ги нападна децата на групата и клубот, кој претставува последен срамен чин кој нема да се повтори никогаш повеќе, тоа ние ви го гарантираме!
Затоа, во понеделник на натпреварот кој ќе се одигра во 19:00 часот на стадионот ФФМ, против екипата на Арсими ќе присуствуваме за последен пат, за да ја покажеме првично нашата солидарност со младите Вардарци и за да изразиме незадоволство и револт против најсрамната Управа во целата историја на ФК Вардар!
Собирот ќе започне во 18:15ч на последна 5-ка во Ново Лисиче, од каде во 18:45ч заедно ќе се упатиме кон стадионот. СИТЕ ЗАЕДНО!
Уште сега јавно апелираме дека преглед на влезот ќе може да врши само Полицијата и дека нема да дозволиме никој друг да биде присутен.
По натпреварот против Арсими, започнува бојкотот и од тогаш фокусот целосно ќе го насочиме кон натпреварите на РК Вардар, за што дополнително ќе известиме!
Повикуваме на најголема масовност и полн стадион, сите Комити и Вардарци обединети до целосно ослободување на ФК Вардар!

