МИЛЕНКОСКИ: УКРАИНА Е ТОП 10 ВО СВЕТОТ, НИЕ ЌЕ ПРОБАМЕ ДА ЈА ИГРАМЕ НАШАТА ИГРА
Во рамки на иницијативата на Регионалниот фудбалски сојуз Еден – Скопје, денеска беше доделена спортска опрема (1000 комплет тренерки, 400 дресови, 680 фудбалски топки), техничка опрема (40 лаптоп компјутери и принтери) и косилка и тримери на фудбалските клубови од регионот, со поддршка од Фудбалската федерација на Македонија и општините Илинден, Гази Баба и Петровец.
На настанот присуствуваа претседателот на ФФМ, Масар Омераѓиќ, претседателот на Регионалниот фудбалски сојуз Еден – Скопје, Дарко Костовски, како и градоначалниците на Илинден, Гази Баба и Петровец, Александар Георгиевски, Бобан Стефковски и Борче Митевски.
Спортската опрема е наменета за ЖФК Ржаничино, ФК Фортуна, ФК Аеродром, ФК Марино, ФК Илинден, ФК Гоце Делчев, ФК Маџари Солидарност, ФК Долно Коњари и ФК Петровец.
„Фудбалот почнува од клубовите и од луѓето кои секојдневно работат со децата. Затоа нашата поддршка мора да биде конкретна и насочена таму каде што е најпотребна. Силните региони значат силни клубови, а силните клубови се основата за иднината на македонскиот фудбал. Ова е токму начинот на кој сакаме да го градиме фудбалот, со партнерство и со инвестиции кои директно стигнуваат до теренот. Многу значи и поддршката што клубовите и екипите од регионот ја добиваат и од локалната самоуправа, ние сме благодарни за тоа“, изјави претседателот на ФФМ, Масар Омераѓиќ.

Претседателот на РФС Еден – Скопје, Дарко Костовски, истакна дека поддршката за клубовите е приоритет на регионалниот сојуз.
„Нашата цел е клубовите да почувствуваат дека имаат вистинска поддршка и дека не се сами во работата која ја вршат. Оваа опрема е практична помош, но и порака дека вложувањето во клубовите, особено во младите категории, мора да биде континуирано. Благодарност до ФФМ и до општините кои го препознаа значењето на оваа иницијатива. Кога сите работиме заедно, најголема корист има фудбалот“, изјави Костовски.
Иницијативата е уште еден чекор кон подобрување на условите за работа на клубовите и создавање подобра средина за развој на младите фудбалери во регионот.

Градоначалниците на Општина Илинден, Александар Георгиевски, Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, и Општина Петровец, Борче Митевски, ја истакнаа важноста од континуираната поддршка за локалните фудбалски клубови и младите спортисти, нагласувајќи дека вложувањето во спортот е вложување во здрави и активни генерации.
„Кога вложуваме во спортот, вложуваме во нашите деца и во иднината на заедницата. Клубовите се место каде што младите не само што учат да играат фудбал, туку учат на дисциплина, тимска работа, одговорност и почит. Затоа поддршката мора да биде конкретна и континуирана. Денешната иницијатива е убав пример како со заедничка работа на ФФМ, регионалниот сојуз, општините и клубовите можеме да создадеме подобри услови и повеќе можности за младите да бидат на терен. Нашата порака е јасна, спортот заслужува поддршка, а фудбалот заслужува уште повеќе деца на терените“, истакнаа првите луѓе на општините Илинден, Гази Баба и Петровец.
Целта кон која заеднички се стремиме е едноставна, повеќе деца на терен, подобри услови за клубовите и посилна база за иднината на македонскиот фудбал.

