МАКЕДОНИЈА ГИ ДОЗНА ПРОТИВНИЦИТЕ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО – ЌЕ ИГРАМЕ ВО РОМАНИЈА
✍️ Деновиве во Будимпешта се одржува најголемиот турнир во Counter-Strike – „Major“. Македонија таму ќе има свој претставник во ликот на Дамјан Стоилковски, попознат како „Kyxsan“, кој настапува за тимот на Falcons. Kyxsan и Falcons својот прв натпревар на Major-от ќе го имаат утре, а МакСпорт разговараше со Дамјан за неговите очекувања, но и за неговата досегашна кариера.
✍️ Дамјан Стоилковски е 25-годишно момче од Скопје, кое професионално игра Counter-Strike од 2021 година. Досега настапувал за четири тимови: BLUEJAYS, Apeks, Heroic и моментално за Falcons. Неговиот најголем успех во кариерата е титулата на PGL во Букурешт, каде триумфираше со Falcons оваа година.
✍️ Е-спортот последниве години расте со огромна брзина, носејќи сѐ поголеми финансиски можности. Го прашавме Дамјан дали може да се живее само од оваа професија.
🗣️ „Сите професионални CS играчи имаат потпишано договор со организација. Во договорите обично се вклучени плата, процент од освоени награди, бонуси итн. Можам да кажам дека е повеќе од доволно за да се живее само од оваа работа.“
✍️ Пред да зачекори со крупни чекори на професионалната CS сцена, Kyxsan имаше успеси со репрезентацијата на Македонија, освојувајќи две IESF Светски првенства – резултати кои му помогнаа да биде забележан од големите организации.
🗣️„Дефинитивно успесите со Македонија ми помогнаа многу. Победите ни донесоа подобар ранкинг и поголема видливост, а така го направив и мојот прв трансфер во Apeks на крајот на 2022 година.“
✍️ Што значи да се биде IGL – капитенот на тимот?
✍️ Како IN-GAME LEADER (IGL), Дамјан има улога да ги води тактиките, да го поставува темпото на игра и да носи огромна одговорност за тимот.
🗣️„Притисокот и одговорноста се многу големи за еден IGL. Освен што треба да играм за себе, морам да го водам и целиот тим. Се справувам со притисокот така што го прифаќам и гледам позитивно на него. Привилегија е да се игра за еден од најдобрите тимови во светот, а со тоа доаѓа и голем притисок.“
✍️ Major турнирите се најпрестижните во Counter-Strike и се одржуваат двапати годишно. Дамјан веќе има играно полуфинале на ваков турнир.
🗣️„Мојот најголем успех беше првиот Major во 2023 година во Париз, кога со Apeks стигнавме до полуфинале. Ни фалеа само неколку рунди за да стигнеме до финале.“
✍️ Како е да се биде IGL/капитен на тим полн со ѕвезди?
🗣️ „Не е лесно да се води тим составен од повеќе ѕвезди. Сите се многу гласни и имаат свое мислење, па често има дискусии. Најважно е да имаат почит и доверба кон IGL. Останатото е на мене – да го извлечам максимумот од нив.“
✍️ Дали Falcons се фаворити за титулата?
🗣️ „Не би кажал дека сме фаворити. Тимови како Vitality и FURIA имаат подобри резултати последните месеци. Наш прв чекор е да влеземе во плејоф. Потоа сѐ е можно. Би сакал да играме против FURIA, бидејќи изгубивме од нив последните неколку пати. Би било убаво конечно да ги победиме на ваков важен турнир.“
✍️ Е-спортот, а особено Counter-Strike, е многу популарен во Македонија. Дамјан ги охрабрува сите млади играчи дека патот до про сцената е возможен.
🗣️ „Сигурен сум дека има многу талентирани млади играчи во Македонија. Би им препорачал да бидат упорни и да не се откажуваат. Патот е долг, но целосно возможен.“
🤝 МакСпорт му се заблагодарува на Дамјан за одвоеното време и му посакува да го подигне трофејот на големата сцена во Будимпешта.

