Олимпискиот стипендист и еден од македонските адути за учество на ЛОИ 2028, кајакарот Ангел Петрушев, викендов во Липтовски Микулаш, Словачка, оствари феноменален резултат и испиша историја за македонскиот кајак.
На престижниот 78. Меѓународен Татрански слалом, кој се одржува со децениска традиција, Петрушев успеа да го освои првото место, со што стана првиот Македонец во историјата кој победил на овој реномиран натпревар. Во исклучително силна конкуренција од 50 врвни светски натпреварувачи.
Успешниот викенд започна уште на 2 мај, кога на трката за ICF светскиот ранкинг, Петрушев го освои високото второ место.
Овој пласман има дополнителна тежина бидејќи, според новите правила за олимписки квалификации, бодовите освоени на ICF ранг-листите се клучни за обезбедување норма за претстојните Олимписки игри во Лос Анџелес 2028.
„Овој успех е плод на напорна работа, стратегија и силна мотивација. Да се биде првиот Македонец кој триумфирал на Татранскиот слалом по 78 години постоење на натпреварот е огромна чест, но и поттик за уште поголема посветеност. Целта е јасна – место меѓу најдобрите во светот и настап на Олимписките игри ЛА 2028“, истакнуваат од тимот на Петрушев.