МАКЕДОНИЈА ГИ ДОЗНА ПРОТИВНИЦИТЕ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО – ЌЕ ИГРАМЕ ВО РОМАНИЈА
Македонската ракометна репрезентација освои исклучително важен бод против Португалија, бод кој добива уште поголема тежина ако се земе предвид фактот дека арбитражата не ѝ беше наклонета на Македонија. Босанските судии Амар и Дино Коњичанин во голем дел од натпреварот имаа наклонети одлуки кон Португалците.
Уште во првото полувреме, босанските судии Амар и Дино Коњичанин оставија впечаток дека критериумот им е наклонет кон Португалија. Во еден период Македонија речиси шест минути играше со исклучен играч, а во тој интервал добивме и црвен картон – Никола Марковски беше испратен на трибините.
Симптоматични беа и неколку ситуации во кои, наместо враќање на акцијата на девет метри поради очигледни чекори, на Португалците им беше дозволено да ја завршат акцијата со гол или дури беа наградувани со пенал. Од другата страна, македонските напади често беа прекинувани со брз судиски свиреж, без толеранција каква што ја имаше противникот.
И во второто полувреме, арбитражата продолжи со различен критериум. Во клучните моменти од мечот, Игор Георгиев беше удрен во лицето, по што селекторот Кирил Лазаров бурно реагираше. Судиската двојка беше принудена да ја прегледа видео-снимката, по што досуди пенал и исклучување од две минути – одлука која дојде со задоцнување, но сепак беше исправна.
Дополнително незадоволство предизвика и последниот напад на Португалија, кој траеше повеќе од една минута без конкретна закана по голот, иако во текот на целиот натпревар македонската репрезентација беше санкционирана со брзо кревање рака за пасивен напад. Во тие моменти, судиите целосно отстапија од сопствениот критериум.
По натпреварот, селекторот Кирил Лазаров со внимателни зборови го искажа своето разочарување, свесен за тежината на јавното говорење во вакви ситуации:
„Не знам дали смеам да кажам што ми е на душа, затоа што имам многу што да кажам. Мора да бидеме претпазливи да не навредиме некого. Јас и пред почетокот на првенството кажав – ние сме мала земја и во моментов сме многу деградирани. Не е лесно да се игра против светски велесили“, изјави Лазаров.
И покрај сè, македонските ракометари покажаа карактер, борбеност и квалитет, освојувајќи бод против силна Португалија – бод кој може да има големо значење во продолжението на натпреварувањето.

