Македонската ракометна репрезентација, сосема очекувано, претрпе пораз во натпреварот против селекцијата на Данска. Како што најавивме и пред почетокот, се работи за вистинска машинерија, репрезентација чија игра е буквално перфектна и репрезентација која е апсолутен фаворит.
Така и беше, Данска доминираше, а ние успевавме повремено да врземе неколку добри минути – максимум што во овој момент можеме да го пружиме против Данска, и тука нема што да се замери.
Она што можеби може да се замери се техничките грешки, кои ни се рак-рана: повторно фрлени топки во бунар наместо кон пикер, повторно збиено во нападот, без ниту една топка на крилата и многу скромен голмански учинок од само пет одбрани.
Ова се сегменти кои можеме и мораме да ги подобриме за следните два натпревари. Пред нас следува клучниот натпревар во групната фаза, во кој ќе се обидеме да направиме големо изненадување, затоа што и Португалија е исклучително квалитетна репрезентација, но никако не е Данска.
Браќата Кошта се вонсериски играчи, но не се Гидсел и Питлик, а Португалија го нема тој луксуз да има буквално 16 екстра квалитетни репрезентативци и најдобриот голман во светот, како што е тоа случај со Данска.
Затоа ќе мора техничките грешки да се сведат на минимум, да се биде сигурен во реализацијата на зицерите и, секако, да се биде многу поразновиден во нападите.
Ќе треба да се биде и многу побрз во враќањето во одбрана, затоа што ако е невозможно да се задржи Гидсел во контра и полуконтра, тогаш ќе треба истото да не се дозволува на Португалците, за да не мора да се наттрчуваме со браќата Кошта и нивните крила.
Ова се сегменти кои Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов и Билјана Црвенковска можат да ги поправат, а играчите можат да ги спроведат и против Португалија да гледаме егал-натпревар, па зошто да не и шанса за генерациски успех!!

