Vinkmag ad

ВАТЕРПОЛО КЛУБОТ ВАРДАР АПСОЛУТЕН ШАМПИОН ВО СИТЕ МЛАДИНСКИ КАТЕГОРИИ!

Ватерполо клубот Вардар повторно ја потврди својата доминација во македонското ватерполо, освојувајќи ги шампионските титули во сите четири младински категории на Државното првенство.

„Црвено-црните“ триумфираа во категориите до 12, до 14, до 16 и до 18 години, со што уште еднаш ја потврдија успешната работа на клубот со младите категории.

Зад успесите на Вардар стои и стручниот штаб предводен од прославениот македонски ватерполист и тренер Сашко Поповски – Мамли, едно од најголемите имиња во историјата на македонското ватерполо. Поповски зад себе има богата играчка и тренерска кариера, а како ватерполист настапувал за еден од најтрофејните европски клубови, белградски Партизан, како и во клубови од Холандија, Грција, Франција и Малта.

Покрај екипните титули, ватерполистите на Вардар освоија и седум од вкупно дванаесетте индивидуални признанија на шампионатот.

Во категоријата до 12 години, Павел Цветковски беше прогласен за најдобар голман, а Матео Ѓуравчевиќ за најдобар играч. Кај играчите до 14 години, признанието за најдобар играч му припадна на Огнен Ивановски.

Во конкуренција до 16 години, Антонио Ѓуравчевиќ беше избран за најдобар играч, додека Марко Маџоски го понесе признанието за најдобар стрелец.

Во најстарата младинска категорија, до 18 години, Михаил Влахов беше прогласен за најдобар играч, а Видан Јакимовски за најдобар голман.

Од клубот најавуваат дека следниот предизвик ќе бидат регионалните натпреварувања, со амбиција Вардар во иднина да биде конкурентен и на меѓународната сцена.

Читај Претходна

ПОЕНОТ ЗА ИСТОРИЈА НА ЛИНА ЃОРЧЕСКА (ВИДЕО)