Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, со убедлива победа ги започна квалификациите за Австралија опен. Во првото коло таа ја совлада четвртата носителка, Синја Краус од Австрија, со 2-0 во сетови (7:5, 6:0) за само 62 минути игра.
Во борбата за пласман во следната рунда, Ѓорческа ќе се соочи со Тамара Зиданшек од Словенија, која исто така со 2-0 ја елиминираше Французинката Џесика Понше.
Дуелот меѓу Ѓорческа и Краус започна израмнето, а првиот брејк го направи австриската тенисерка, моментално 108. на ВТА-листата, која поведе со 4:2 во првиот сет. Сепак, во клучниот деветти гем македонската тенисерка спаси две сет-топки, намали на 5:4, а потоа целосно ја презеде контролата, освојувајќи ги следните три гема и сетот со 7:5, дозволувајќи и на противничката само два поена.
Во вториот сет Ѓорческа доминираше целосно, ја продолжи серијата на освоени гемови и без загубен гем го доби сетот со 6:0, со што мечот го заврши со вкупно девет последователни освоени гема.

