Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, во интервју за Фудбалската федерација на Македонија изрази голема доверба во македонскиот фудбал, раководството на ФФМ и иднината на нашата репрезентација.
Чеферин, кој престојуваше во Македонија на покана на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, и го следеше натпреварот против Словенија, истакна дека македонскиот фудбал се движи во вистинска насока, но дека за големи резултати се потребни време, трпение и континуирана работа.
🗣️ „Луѓето постојано ги гледаат само резултатите на А репрезентацијата, но мора да разберат дека тоа е процес. Доаѓам од земја со приближно иста големина како Македонија и знам дека е потребно време за да се создаде вистинската генерација. Македонската федерација се движи во вистинска насока. Ја подмладивте репрезентацијата и сметам дека јавноста треба да ви даде малку време. Македонија повторно ќе игра на Европско првенство“, порача Чеферин.
Првиот човек на европскиот фудбал упати и големи пофалби за претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, нагласувајќи дека имаат одлична комуникација и соработка.
,,Тој е остроумен, го разбира фудбалот, но и спортско-политичките односи. Со него нема потреба многу да се објаснувам. Често сме во контакт, но не трошиме многу време бидејќи се му е јасно. Затоа сум сигурен дека македонскиот фудбал е во добри раце“.
Чеферин зборуваше и за инвестициите на УЕФА во инфраструктурата, предизвиците со кои се соочуваат помалите федерации и потребата од поголема поддршка од државните институции и локалните самоуправи. Тој нагласи дека средствата од европската куќа на фудбалот се контролираат и дека федерациите во најголем дел ги користат домаќински и одговорно.
Во интервјуто, првиот човек на УЕФА ја истакна и суштината на европскиот модел на солидарност, според кој секоја национална федерација има еднаков глас и рамноправна позиција, без оглед на големината на земјата или фудбалската моќ.
„Македонската федерација не е само обичен член на УЕФА, туку подеднакво валиден член како Англија, Германија, Франција или Италија. Секоја година правиме се повеќе на полето на солидарноста. За солидарност издвојуваме над 240 милиони евра, наменети за клубовите кои не учествуваат во европските натпреварувања. Имаме огромен буџет, а дури 97 проценти од средствата се враќаат назад во фудбалот“, истакна Чеферин.
Тој потврди дека ќе ја продолжи својата работа на чело на УЕФА, посочувајќи дека добил поддршка од сите 55 национални федерации членки, а како свој главен приоритет ја наведе заштитата на фудбалот и зачувувањето на солидарниот модел на европската фудбалска организација.
На крајот, Чеферин со насмевка зборуваше и за својот шарпланинец Тито, кој го добил како подарок од Омерагиќ, откривајќи дека кучето станало незаменлив дел од неговото семејство.

