МАРКО БЛАЖЕВСКИ ЕВРОПСКИ ШАМПИОН! ДО ТИТУЛАТА СО ДОМИНАНТЕН НАСТАП ВО МИЗАНО, ИТАЛИЈА
Македонскиот автомобилист Марко Блажевски ја освои европската шампионска титула во Renault Cup по извонреден и доминантен настап на патеката „Мизано“ во Италија. До најголемиот успех во својата досегашна кариера стигна една трка пред крајот на шампионатот, потврдувајќи ја својата супериорност во текот на сезоната.
Блажевски уште еднаш покажа дека припаѓа на самиот европски врв на автомобилскиот спорт. Со одлично темпо, сигурно возење и победнички менталитет, македонскиот возач успеа да ја обезбеди титулата пред последниот тркачки викенд, нешто што дополнително ја потврдува неговата доминација во овогодинешното натпреварување.
Настапот во Мизано беше вистинска потврда за неговиот квалитет. Пред италијанска публика, на една од познатите европски патеки, Блажевски успеа да ја круниса успешната сезона и да го оствари сонот за европска шампионска титула.

Овој успех има посебно значење и за македонскиот автомобилизам. Освојувањето на европската титула е резултат на долгогодишна посветеност на трките, искуство и континуирана работа, но и силна поддршка од луѓето и компаниите кои стојат зад него.
По освојувањето на титулата, Блажевски упати благодарност до сите свои спонзори, партнери, тимот и поддржувачите кои беа дел од ова патување.
„Ова е еден од најголемите моменти во мојата кариера. Да се стане европски шампион и тоа една трка пред крајот на сезоната е нешто посебно. Мизано ќе остане засекогаш во моето сеќавање. Оваа титула не е само моја, туку и на сите кои веруваа во мене и ми помогнаа да стигнам до овој успех“, изјави Блажевски.
Со европската круна, Марко Блажевски испиша нова успешна страница во македонскиот автомобилизам, а неговиот триумф во Мизано претставува уште еден доказ дека македонските возачи можат да се борат и да победуваат на највисоко европско ниво.
МАКЕДОНИЈА ИМА НОВ ЕВРОПСКИ ШАМПИОН!

