Vinkmag ad

ЦИРКУС ВО ЛАЦИО: ТРЕНЕРОТ НЕ ЗНАЕ НИШТО ЗА СРБИНОТ, КОЈ КЛУБОТ ГО ПЛАТИ 13 МИЛИОНИ ЕВРА

Лацио веќе подолго време е далеку од тимот што редовно се вмешуваше во трката за трофеи во италијанскиот фудбал, а актуелната сезона само ги потврдува проблемите со кои се соочува римскиот клуб. Маурицио Сари се наоѓа во тешка позиција, обидувајќи се да извлече максимум од ростер кој очигледно не одговара целосно на неговите замисли.

Поради ограничувањата со кои се соочуваше клубот, „небесносините“ минатото лето беа принудени да мируваат на трансфер-пазарот, додека во зимскиот преоден рок направија и болни отстапки, разделувајќи се со дел од клучните фудбалери. Меѓу нив беше и Валентин Кастелјанос, кој ја продолжи кариерата во Вест Хем.

Како замена, Лацио го ангажираше српскиот напаѓач Петар Ратков од редовите на Салцбург, но според изјавите на Сари, трансферот не бил направен по негова иницијатива. По ремито со Фиорентина, искусниот тренер отворено призна дека не е доволно запознаен со новото засилување.

„Искрено, не го познавам Ратков. Немам јасна слика за неговите квалитети и тешко ми е да кажам нешто повеќе. Клубот го следел и го донесе, тие сигурно знаат повеќе од мене“, изјави Сари.

Набргу се огласи и претседателот на Лацио, Клаудио Лотито, кој практично одговори на зборовите на Сари и го објасни ставот на клубот.

„Ако Сари вели дека не го познава Ратков, тоа е сосема нормално – тој е тренер и не мора да го познава. Јас формирав скаутска служба од осум луѓе кои 24 часа дневно ги следат фудбалерите ширум светот и најважно е тие да го познаваат“, порача Лотито, нагласувајќи дека трансферот на српскиот напаѓач не е резултат на импровизација.

Читај Претходна

МАГИЈА ШТО ГО ОДЗЕМА ЗДИВОТ: НАЈУБАВИТЕ ГОЛОВИ НА ГОДИНАТА ВО БУНДЕСЛИГАТА (ВИДЕО)

Читај Следна

ЕЛМАС ПОВТОРНО СТАРТЕР, НАПОЛИ КИКСНА СО ВЕРОНА