Матијас Гидсел, најдобриот ракометар на светот, прогив Македонија беше на висина на задачаата. Постигна 8 голови, го покажа својот раскошен ракометен квалитет, а по натпреварот ги сподели импресиите и констатираше дека Македонија во клучниот дуел против Португалија – не е без шанси.
„Натпреварот го започнавме со доза на нервоза, пред се затоа што сакавме да ја почувствуваме одличната атмосфера во салата. Публиката беше фантастична, а бевме свесни и дека Кире Лазаров ќе се обиде тактички да не изненади. Одбраната 5-1 што ја постави Македонија во првото полувреме накратко ни го наруши ритамот и не ни дозволи да играме препознатлив ракомет.
Лично „фластерот“ ми создаде проблеми, но Лауге и Питлик умешно го искористија просторот што се отвори и полесно ги завршувавме нападите. Сепак, Македонија покажа дека поседува квалитет и сметам дека со поефикасна игра во нападот може рамноправно да се носи и со селекција како Португалија“.
Дуелот „да се биде или не“ за македонската ракометна репрезентација на програмата е утре, ќе ги одмериме силите со Португалија од 18:30 во „Јиске Банк Боксен“ арената во Хернинг.

