Македонското олимписко таеквондо продолжува со одлични резултати на меѓународната сцена, потврдувајќи дека станува збор за еден од водечките спортови во земјава. На силниот турнир Австрија Опен Г1 во Инсбрук, Македонија се закити со два бронзени медали.
Дејан Георгиевски освои бронза во сениорската конкуренција во категоријата над 87 килограми. Во осминафиналето Георгиевски славеше со 2-0 во рунди против Иван Трајковиќ од Словенија, а во четвртфиналето со ист резултат беше подобар и од Патрик Дивковиќ, исто така од Словенија. Георгиевски беше запрен во полуфиналето, каде загуби со 0-2 од Аболфазл Абасипоуја.
До бронзен медал стигна и Мила Релиќ во сениорската категорија до 62 килограми. Таа во првото коло забележа победа од 2-0 во рунди против Фатима Менди од Сенегал, а потоа со ист резултат ја совлада и Марија Леонова од Украина. Во четвртфиналето Релиќ славеше со 2-1 во рунди над Хелена Кичема од Хрватска, додека во полуфиналето беше поразена со 0-2 од Јулија Шпак.
Солиден настап имаше и Филип Блажевски во сениорската категорија до 80 килограми, кој во првата борба во елиминациската рунда загуби со 0-2 од Гумуш Кан од Германија.
Настапот во Инсбрук е уште една потврда за континуитетот и квалитетот на македонското олимписко таеквондо на меѓународната сцена.

