На Европските првенства Македонија првпат се појави во Италија во 1998 година. Но, во срцата на сите Македонци засекогаш посебно место има Европското првенство во Србија во 2012 година. Токму тој шампионат буди морници кај секој Македонец.
Во Ниш и во Белград ечеа македонски песни, „Денес над Македонија“ се чини не се пеела никогаш погласно, а ракометарите танцуваа по теренот – Мојсо, Жути и Лазаров, бековска тројка која „ракометно везеше“ и која претставуваше страв и трепет за противничките одбрани. Бевме на секунди, на милиметри од пласман во полуфиналето. На крајот го освоивме одличното 5. место, кое е најдобриот резултат во историјата на македонскиот репрезентативен ракомет, а се подразбира и наш најдобар пласман на Европско првенство. Тоа петто место тогаш нè одведе во Олимписките квалификации.
Македонија на ЕП во Србија одигра одлична групна фаза, иако имавме пеколна група. Несреќно загубивме од Германија, ремизиравме со Шведска, а ја совладавме Чешка.
Кобна за нас во главната рунда тогаш беше токму Данска, која нè чека во Хернинг на премиерата на ЕП 2026.
Македонија против Данците, при нерешен резултат (32:32), напаѓаше за победа. Лазаров шутна на седум секунди пред крајот, ударот заврши во стативата, се одби кај нивниот пивот, кој додаде до Хансен, а овој веднаш асистираше до Линдберг, кој во последните моменти погоди за победа на Данска. Ах. Неверојатно. Од оваа гледна точка, да ја фрлевме топката во аут, многу веројатно Македонија ќе играше полуфинале, а сигурно Данска (која во главната рунда дојде со нула пренесени бодови) ќе си одеше дома. Ама историјата сега е поинаква. Данска тогаш стана Европски првак.
Македонија потоа славеше над Полска и Србија, но тие победи беа доволни само за меч за петтото место. Игравме против Словенија, славевме со 28-27, а Борко Ристовски тогаш со фантастична интервенција му одбрани зицер на Скубе во последниот напад на Словенците.
На ова Европско првенство, актуелниот селектор на Македонија, Кирил Лазаров, беше најдобар стрелец на шампионатот со 62 гола. Капитенот тогаш буквално ги „решеташе“ противничките мрежи.
Од останатите учества на Македонија на Европските првенства, би можеле да го издвоиме и Европското во 2018 година. Стартувавме со победа против Словенија, во „Загребска арена“. На тој меч се водеше вистинска битка и на трибините, но и на теренот. Ги добивме и двете битки. Во второто коло рутински ја совладавме Црна Гора. За влакно ни избегна победа против Германија за совршена групна фаза. Столе Стоилов ја имаше победата во рака, но не успеа да го совлада „стариот лисец“ Хајневетер во ситуација „еден на еден“. Можеби Столе не шутираше лошо, колку што Германецот фантастично интервенираше.
Во главната рунда следуваше шок – повреда на Кирил Лазаров. Без лидерот, Македонија во главната рунда забележа три порази, што остави горчлив вкус по еден ветувачки почеток.
СИТЕ РЕЗУЛТАТИ НА МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПСКИТЕ ПРВЕНСТВА
ЕП 1998 (Италија) – 12. место
ЕП 2012 (Србија) – 5. место
ЕП 2014 (Данска) – 10. место
ЕП 2016 (Полска) – 11. место
ЕП 2018 (Хрватска) – 11. место
ЕП 2020 (Австрија / Шведска / Норвешка) – 15. место
ЕП 2022 (Унгарија / Словачка) – 22. место
ЕП 2024 (Германија / Данска) – 17. место

