Најдобриот фудбалер на Вардар, Роџерс Мато, потпишал предоговор со Хартс и од јуни бесплатно ќе се пресели во шкотскиот клуб.
„Со големо задоволство објавуваме дека постигнавме договор со интернационалецот од Уганда, напаѓачот Роџерс Мато, кој ќе стане играч на Хартс ова лето.
22-годишниот фудбалер ќе се приклучи на клубот во јули, по истекот на неговиот договор со македонскиот клуб Вардар, и ќе потпише тригодишен договор.
Благодарение на неговите голови оваа сезона, Роџерс стана еден од најзабележителните млади играчи во Европа и неодамна настапи на Африканскиот куп на нации“, се вели во дел од објавата на официјалниот клупски сајт на Хартс.
Во јули, како што информира Хартс, Роџерс Мато со шкотскиот клуб ќе потпише тригодишен договор.
Во последниот период се појавија бројни шпекулации околу трансферот на Мато. Хартс веќе оваа зима се заинтересира за неговото доведување и понуди 350.000 евра, додека Вардар ја процени цената на играчот на 1,5 милиони.
Сепак, Мато ќе ја напушти скопската екипа како слободен играч по завршувањето на сезоната и својата кариера ќе ја продолжи на „островот“.

