Македонскиот кошаркарски интеренационалец, Ненад Димитријевиќ го претрпе првиот пораз откако се пресели во тимот на Баерн Минхен.
Германскиот шампион имаше тешко гостување во Пиреја кај Олимпијакос каде претрпе пораз (95:80).
Тимот предводен од Српскиот стратег, Светислав Пешиќ имаше одличен почеток на натпреварот и водство по првите десет минути (23:21). Баварците одлично ја отворија и втората четвртина, предводени од одличниот шутер Обст, во петнаесетата минута имаа и +8, но тогаш домаќините се разбудија и со серија поени дојдоа до водство. На крајот на втората четвртина Олимпијакос имаше предност од 49:47.
Клучната разлика домаќините ја направија во третата четвртина која ја добија со 24:14.
Ненад Димитријевиќ и неговите соиграчи се обидоа во последната четвртина да се вратат во натпреварот, дојдоа на -6, но Дорси и Везенков со неколку клучни поени ја одземаа секоја шанса за изненадување.
Димитријевиќ се најде во стартната петорка на Пешиќ, во игра беше 22 минута, а успеа да реализира 6 поени, со шут од поле 3/5 и да запише пет асистенции.
Најефикасен на натпреварот беше Саша Везенков со 25 поени, а кај Баерн најдобар беше Обст со 21 поен.
За Баерн ова е 14 пораз на 21 натпревар со што се на 17 позиција. Олимпијакос пак дојде до 12 победа и 8. позиција.

