Vinkmag ad

ТРИПЛ-ДАБЛ НА ЈОКИЌ, ПОРАЗ НА ДЕНВЕР

И покрај одличната партија на Никола Јокиќ, Денвер Нагетс продолжуваат со лошата серија. Српскиот ас за првпат по едномесечната пауза стигна до трипл-дабл, но тоа не беше доволно за прекин на негативниот низ, бидејќи тимот од Колорадо го запиша и третиот последователен пораз.

Во вистински НБА спектакл одигран во „Медисон Сквер Гарден“, Њујорк Никс по две продолженија славеа со 134-127. Натпреварот беше исполнет со постојани пресврти, а фактот што ниту една екипа не успеа да се одлепи на двоцифрена разлика најдобро ја опишува драмата на паркетот.

Денвер отвори фуриозно, предводен од Џамал Мареј кој уфрли 20 поени во првата четвртина, но во продолжението на мечот сцената ја презеде Џејлен Брансон. Иако Нагетс често беа во негатива во завршниците, успеваа да се вратат – најпрво преку Мареј кој избори прво продолжение, а потоа и преку Кристијан Браун кој го однесе мечот во второ.

Сепак, таму Никс целосно ја презедоа контролата. Њујорк брзо создаде предност од шест поени и не му дозволи на противникот нов камбек, со што го обезбеди триумфот пред домашната публика.

Брансон блескаше со 42 поена, осум скока и девет асистенции, додека Мареј кај Денвер заврши со 39 поени. Јокиќ го забележа својот прв трипл-дабл по враќањето на терените и прв во 2026 година – 30 поени, 14 скока и 10 асистенции – но неговиот настап го засени лошиот шут за три поени (1/13), што исто така имаше влијание врз конечниот исход.

За Њујорк ова беше осма победа по ред, со која тимот продолжува да му парира на Бостон и се наоѓа на делба на втората позиција на Истокот со скор 33-18. Денвер, пак, е трет на Западот со 33-19, но таму конкуренцијата ветува жестока борба до самиот крај на регуларната сезона.

Резултати:
Њујорк – Денвер 134-127
Торонто – Минесота 126-128
Хјустон – Бостон 93-114
Милвоки – Њу Орлеанс 141-137
Сан Антонио – Оклахома 116-106
Сакраменто – Мемфис 125-129
ЛА Клиперс – Кливленд 91-124

Читај Претходна

МИЦЕ ШИЛЕГОВ НОВ РАКОМЕТАР НА РК БУТЕЛ

Читај Следна

ШОКАНТНО ОБЈАСНУВАЊЕ НА МАТО: „НЕМАВ ИНТЕРНЕТ“…