МАКЕДОНИЈА ГИ ДОЗНА ПРОТИВНИЦИТЕ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО – ЌЕ ИГРАМЕ ВО РОМАНИЈА
Македонската машка ракометна репрезентација во последната деценија се наметна како најуспешниот колективен спорт во земјава. Редовно настапува на Европските и Светските првенства и нема пропуштено ниту едно големо натпреварување од Европското првенство 2012 година во Србија.
Но патот до статус на постојан учесник на големите шампионати не беше ниту брз ниту лесен. Репрезентацијата дебитираше на Светското првенство во Египет во 1999 година, по што следеше долг период без пласман, сè до 2009 година, кога Македонија повторно се најде меѓу светската елита.
Поради нискиот рејтинг, квалификациите за Светското првенство 2009 започнаа уште од претквалификациска фаза. Македонија беше во група со Португалија и Бугарија, при што двапати славеше против источниот сосед, а забележа и значајна победа над Португалија од 38-32 во Скопје.
Одлучувачки беше реваншот во Португалија. На домаќините им беше потребна победа со најмалку шест гола разлика за пласман понатаму. По истекот на регуларното време, Португалците добија пенал токму за таква разлика, но Борко Ристовски блесна на голот и го одбрани ударот, носејќи ѝ на Македонија историски пласман во баражот.
Во двомечот со Исланд, македонската селекција извојува голем триумф и обезбеди место на Светското првенство во Хрватска, каде што оствари одличен резултат и го освои 11. место.

