Vinkmag ad

ГОЛЕМ ДЕН ЗА МАКЕДОНСКОТО КАРАТЕ – ЗЛАТО И СРЕБРО НА МЛАДИНСКОТО ЕП

Македонското карате доживеа историски момент на Европското првенство за кадети, јуниори и У21 што се одржува од 6 до 8 февруари 2026 година во Лимасол, Кипар.

Матеј Белистојаноски го освои златниот медал во категоријата У21 до –67 кг, со што ја круниса извонредната серија настапи и ја донесе највисоката европска титула за Македонија.

Белистојаноски настапи сигурно и доминантно во текот на целиот турнир, совладувајќи низа силни противници од европскиот врв. Во финалната борба, со тактичка зрелост, борбеност и максимална концентрација, тој извојува победа над претставникот на Грција и заслужено се искачи на највисокото место на победничкиот пиедестал.

Овој успех претставува едно од најзначајните индивидуални достигнувања во поновата историја на македонското карате и потврда за континуираниот квалитет и напредок на младинските селекции. Патот до златниот медал на ова Европско првенство на Матеј изгледаше вака:

9:1 над Микита Бахамолетс (ВКФ-2)
5:1 над Ригерс Рами (Албанија)
4:1 над Џо Галагер (Шкотска)
5:4 над Амине Еја (Белгија)
Во полуфиналето го победи Назарии Праничук (Украина) со 5:4 и го обезбеди финалето.
Во финалето го победи Георгиос Балиотис (Грција) со резултат 2:0 за Матеј.

Уште еден голем успех за Македонија оствари и Немања Младеновиќ, кој се закити со сребрен медал во категоријата кадети +70 кг.

Младеновиќ имаше одличен турнир и со серија убедливи победи обезбеди пласман во финалето, покажувајќи зрелост, физичка подготвеност и одлична тактичка дисциплина. Во борбата за злато, по неизвесен и жесток дуел, тој мораше да се задоволи со второто место, но неговиот настап остави силен впечаток кај стручната јавност.

Сребрениот медал на Младеновиќ е уште една потврда за квалитетната работа со младите категории и силниот потенцијал што го поседува македонската репрезентација.

Читај Претходна

(ВИДЕО) МИТРОВСКИ ПОКАЖА ЗОШТО Е НАЈСКАП ТРАНСФЕР НА ОЛИМПИЈА – ДВЕ АСИСТЕНЦИИ ЗА ПОБЕДА НАД ЛИДЕРОТ

Читај Следна

МЕДАЛИ ЗА ГЕОРГИЕВСКИ И РЕЛИЌ НА ТУРНИР ВО АВСТРИЈА