Vinkmag ad

ЛОЗАНА ЈА ПОТВРДИ ФФМ: ИСПРАВНИ СЕ САНКЦИИТЕ ЗА ГОСТИВАР И ЕНЕС УСТА

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја информира јавноста дека Судот за спортска арбитража (CAS) во Лозана во целост ги отфрли жалбите поднесени од ФК Гостивар и Енес Уста и ги потврди одлуките донесени од надлежните органи на ФФМ.

Случајот се однесува на санкциите изречени по натпреварот ФК Гостивар – ФК Работнички (29. коло, 1 МФЛ, натпреварувачка сезона 2024/2025), поради организациски пропусти, присуство на неовластени лица во службените простории, како и поради напуштањето на теренот од страна на екипата на ФК Гостивар. Во рамките на постапките пред органите на ФФМ, на клубот му беа изречени соодветни дисциплински санкции, вклучително и одземање бодови, додека Енес Уста беше санкциониран поради своето однесување и поттикнување на настаните што доведоа до прекин на натпреварот.

По разгледувањето на жалбите, CAS во Лозана заклучи дека одлуките на дисциплинските и жалбените органи на ФФМ се донесени во согласност со важечките прописи, а изречените санкции се соодветни и пропорционални на утврдените прекршоци. Со тоа, жалбите на ФК Гостивар и Енес Уста се одбиени, а оспорените одлуки на ФФМ се потврдени во целост.

Одлуката на CAS има посебно значење за ФФМ, бидејќи станува збор за прв случај во кој Федерацијата успешно ги одбранила своите одлуки пред Судот за спортска арбитража во Лозана. Тоа претставува и потврда дека одлуките на надлежните органи на ФФМ се темелат на прописите и принципите на фудбалското право и подлежат на независна меѓународна правна проверка.

ФФМ и во минатото била предмет на постапки пред CAS. Во 2011 година, актуелниот претседател на ФФМ, Масар Омерагиќ, го доби спорот пред Судот за спортска арбитража против тогашното раководство на Федерацијата, откако претходно доживотно беше суспендиран од фудбалот и со тоа оневозможен да се кандидира за претседател на ФФМ.

Пред CAS беше донесена и одлука против Федерацијата во спорот со поранешниот селектор на А репрезентацијата, Мирсад Јонуз, во врска со неисплатени обврски од неговиот договор како селектор.

Денешната одлука на CAS во случајот ФК Гостивар и Енес Уста претставува важна потврда на принципот дека фудбалските прописи мора да важат еднакво за сите и дека нивното почитување е основа за заштита на интегритетот на натпреварувањето.

Судот за спортска арбитража (CAS) во Лозана е независна меѓународна институција специјализирана за решавање спорови во спортот, особено жалби против одлуки на спортски федерации и организации.

Одлуката донесена од CAS во овој случај е конечна. CAS претставува највисоко тело за решавање на вакви спортски спорови, а против одлуката во овој случај не постои право на жалба.

Фудбалската федерација на Македонија и во иднина ќе продолжи доследно да постапува во согласност со своите прописи, статутарните определби и принципите на УЕФА и ФИФА, со единствена цел, заштита на интегритетот на натпреварувањето, владеењето на правото во фудбалот и еднаков третман на сите учесници во фудбалските натпреварувања.

Читај Претходна

ПРЕКРАСНИ СЦЕНИ ВО ИЛИНДЕН: ФФМ ДОНИРАШЕ ОПРЕМА ЗА КЛУБОВИТЕ

Читај Следна

МИЛЕНКОСКИ: УКРАИНА Е ТОП 10 ВО СВЕТОТ, НИЕ ЌЕ ПРОБАМЕ ДА ЈА ИГРАМЕ НАШАТА ИГРА