Реал Мадрид обезбеди пласман во финалето на шпанскиот Суперкуп, каде ќе се соочи со големиот ривал Барселона, откако во полуфиналниот дуел одигран во Саудиска Арабија славеше над Атлетико Мадрид со 2-1.
„Кралевите“ беа поконкретниот тим во динамичен и неизвесен натпревар, а предноста ја стекнаа уште на самиот старт. Во 2. минута, Федерико Валверде маестрално погоди од слободен удар и го шокираше градскиот ривал.
Во вториот дел, Реал ја зголеми контролата, а Родриго во 55. минута одлично реагираше во ситуација еден на еден, го надмудри Ле Норман и сигурно реализираше за 2-0.
Атлетико брзо возврати и внесе неизвесност – во 58. минута Симеоне упати прецизен центаршут, а Сорлот со удар со глава го матираше Куртоа. До крајот „јорганџиите“ тргнаа на се или ништо, но Реал умешно се бранеше и преку контранапади ја зачува минималната предност до последниот свиреж.

