(ВИДЕО) AЛИОСКИ ПО ПОБЕДНИЧКИОТ ПОГОДОК: СРЕЌЕН СУМ ШТО СЕ ВРАТИВ НА ТЕРЕНОТ НА ВАКОВ НАЧИН
Јака Малус, ракометарот роден во Цеље, како и многу деца, својата спортска приказна ја започнал со фудбал. Сепак, вистинската љубов брзо ја пронашол во ракометот – спорт во кој денес блеска на теренот.
Во моментов, словенечкиот интернационалец е најдобриот ракометар на Вардар. Со своите игри му донесе Куп титула а беше прогласен и за МВП. Малус е предводник и најзаслужен што готово сигурно титулата се враќа во сопственост на Вардар.
Во продолжение, во интервју на македонски јазик – кој Малус одлично го владее – ќе можете да прочитате за неговите почетоци, развојот низ кариерата, искуствата низ Европа, како и за амбициите со Вардар и љубовта кон Македонија.
Дали уште од мал ја имаш љубовта кон ракометот или претходно тренираше и друг спорт?
– Како дете, кратко време тренирав фудбал, но искрено – не ми се допадна многу. Дури им кажав на родителите дека ме боли стомак, само за да не одам на тренинг. Во школо почна да се игра ракомет, отидов на еден тренинг и тука започна љубовта кон овој спорт.
Не живеев баш во Цеље, па секој ден дедо ми ме возеше до тренинг, што многу ми значеше во тие почетоци. Така започнав – прво во школо, потоа во клуб, и еве, сè уште сум дел од ракометот.
Колку РК Цеље ти помогна во кариерата?
– Сè што сум научил како играч, го научив таму. Цеље ми даде буквално сè – таму ги направив првите чекори, таму се развивав и добив шанса во првиот тим. Имав можност да играм во Лигата на шампиони и СЕХА лигата, каде што стекнав огромно искуство.
Навистина многу научив во тој период и затоа Цеље има посебно место за мене. Тоа е клуб што многу го почитувам и секогаш ќе бидам благодарен за сè што ми овозможи.

Колку заминувањето од Словенија (од дома) влијаеше на твојот развој како играч и како личност?
– Секако дека имаше големо влијание. Кога ќе заминеш од дома, веќе не си со своите и мораш сам да се снаоѓаш. Не си веќе дете – преземаш одговорност за многу работи. На почетокот не ми беше лесно, но токму тоа те гради и како играч и како личност.
Заминав релативно рано, на 22–23 години, и денес сум многу среќен што ја донесов таа одлука. Кога отидов во Мешков Брест, сè ми беше ново – јазик, култура, па и самото ниво на ракомет. Но, тоа искуство многу ме збогати и можам да кажам дека заминувањето беше целосно позитивен чекор за мене.
Имаш играно во Белорусија, Словенија, Германија, а сега и во Македонија. Колку се разликуваат системите и каде се игра најтежок ракомет?
– Мислам дека најголемата разлика е тоа што ракометот во Македонија е спорт број 1. За Германија сите велат дека има полни сали, но не е како тука. Тука целиот град живее за ракомет и за клубот. Од тоа што сум го видел и што сум разговарал со други играчи – нема како тука.
Што се однесува до лигите, во Белорусија и Словенија не беа толку силни. Во Белорусија често можеш само да се појавиш и да победиш. Во Македонија има четири квалитетни екипи, но мора да се потрудиш и против петтиот и шестиот. Германија е посебна приказна – мораш секој ден и секој натпревар да си на максимум, ако не, веднаш има кој да те замени.

Како дојде понудата од Скопје и зошто се одлучи да потпишеш за РК Вардар?
– Минатата сезона играв во Љубљана и ја исполнивме целта. Планот беше да играме Лига на шампиони, но кога стигна понудата од Вардар – не се двоумев. Вардар е голем клуб и отсекогаш ми бил сон да играм тука.
Уште додека бев во РК Цеље имав контакт со Вардар и постоеше можност да дојдам како млад играч, но тогаш не се реализира. Очигледно така требало да биде. Сега дојдов и навистина сум многу среќен, воопшто не се каам.
Што значи за тебе да го носиш дресот на Вардар – привилегија или притисок?
– Има притисок, но повеќе е привилегија. Вардар е најголем клуб на Балканот, со огромна историја и титули. Притисокот е дел од тоа и јас го доживувам како нешто позитивно.
Ние сме спортисти и кариерата не трае вечно. Кога има притисок, значи дека си на вистинското место и дека луѓето очекуваат нешто од тебе. Јас сакам такви ситуации. Кога нема притисок – тогаш можеш дома да седиш и да гледаш телевизија.

Оваа сезона Вардар е на чекор до титулата. Како успеавте да ја прекинете доминацијата на РК Пелистер?
– Пред сè, не беше воопшто лесно. Трениравме многу напорно, игравме и европски натпревари, има замор. Но клучен беше менталитетот што го градевме и тренинзите на кои даваме 300%.
Кога толку многу вложуваш на тренинг, натпреварите стануваат полесни. Цела сезона играме ист систем и тоа дава резултати. Веќе освоивме Куп, блиску сме до титулата, а третата цел ни е Европа. Имаме шанси и едвај чекам дуелите со Монпеље.
Имаш одлична сезона и лидерска улога. Дали се гледаш во Вардар и во иднина?
– Договорот ми истекува во 2027 година. Се чувствувам одлично – и на терен и во градот. Многу го сакам Скопје, Македонија и нашата публика.
Што ќе биде понатаму не зависи само од мене. Ќе видиме. Но искрено – сакам ова да трае, ми се допаѓа улогата што ја имам во клубот.
Четвртфинале против Монпеље во Европската лига – што очекуваш, може ли Вардар до трофејот во Лигата на Европа?
– Ние сме спортисти и работиме цела сезона за трофеи. Веќе освоивме еден, вториот е блиску, останува Европа. Ако сме до тука стигнати – зошто да не одиме до крај?
Во спортот сè е можно. Верувам во оваа екипа. Со нашите навивачи ќе ни биде многу полесно. Ако не верувам – нема ни зошто да играм. Мислам дека можеме и до Ф4, а таму сите имаат еднакви шанси.

Дали овој тим, со засилувањата, е подготвен за европските гиганти? И колку е голема загубата со заминувањето на Хориха?
– Оваа екипа беше создадена за Лигата на шампиони. Имаме квалитет и ширина во составот. Што ќе биде следната сезона – ќе видиме.
Заминувањето на Дима е дел од спортот. Што ќе се случува понатаму не е моја работа. Верувам во тимот и во стручниот штаб – тие знаат што прават. Ние ќе дадеме максимум и сигурно ќе имаме конкурентен тим.
Ја освои Куп титулата, беше МВП и најдобар стрелец – какви се импресиите?
– Многу сум среќен и горд. Не беше лесно – одигравме две тешки натпревари во три дена. Без тимот немаше да има ни индивидуални награди.
Голема благодарност до целиот стручен штаб и луѓето кои работат зад сцената – физиотерапевти, сите што ни помагаат. Овој трофеј е за сите. Првиот е освоен, вториот е на пат.
Дали ова е најдобрата сезона во твојата кариера?
– Да, сигурно. Најдобро сум подготвен и физички и психички. Играм најдобар ракомет во кариерата и навистина уживам.

Научи македонски – каков впечаток имаше за Македонија пред да дојдеш, а каков сега?
– Веќе имав играно тука со Брест и Цеље, знаев некои работи и разговарав со играчи што биле тука. Очекував дека ќе биде интересно бидејќи ракометот е многу популарен.
Но, реалноста е уште поубава. Во другите држави не се следи ракометот на ова ниво. Тука атмосферата е посебна и многу ми се допаѓа. Сакам ова да трае.
Постои ли можност еден ден да заиграш за македонската репрезентација?
– Секако дека постои можност. Го почитувам народот и државата, затоа и сакам да го научам јазикот – да покажам почит и да вратам за тоа што го добивам.
За пасошот и репрезентацијата – ќе видиме во иднина. Засега немам разговарано со никого. Ако дојде понуда, ќе седнам, ќе размислам и ќе донесам одлука.
Порака до навивачите на Вардар?
– Многу сум благодарен за поддршката во текот на целата сезона. Ги повикувам да доаѓаат на натпреварите и да не поддржат, особено на важните дуели со Монпеље и Пелистер.
Нивната поддршка ни значи многу. Ние ќе вратиме на терен – со 300% од нашите можности.

